Кога те испраќав.............
55, Skopje, Macedonia



Помниш ли кога те испраќав со бакнеж во магливите утра од нашиот мал стан? Помниш, ја затворав брзо брзо вратата, да не ни избега љубовта и топлината со која ги греевме срцата и надежите.

И уште долго долго те гледав од прозорецот, како цупкаш низ црквениот парк, а мене срцето ми се кине што одиш сама, заминуваш ко јагне меѓу волци, одиш на некој голем испит што полека младоста ти ја зеде?

Минуваа годините...

И стареев и јас со тебе, и не ми беше жал за ништо, за никој поминат ден заедно со тебе. Престанав да ја барам смислата, те најдов тебе.

И во секој лош миг, се фаќав цврсто со двете раце за нашата љубов, ко дете цврсто ја стегав и не ја пуштав се додека злото не мине.

Ја помнам секоја тажно спуштена дланка, зад стаклото на некој аеродром кој бил сведок на нашата разделба и сон за повторна средба. Како само ги броев деновите, часовите...Како само те сакав, од тука до бескрај.

Јас уште чекорам по улиците што заедно ги меревме, гушнати и полни со сонот за нас. Секоја ноќ ги слушам моите стапки, одам ко дух низ сите тесни улички на нашиот град, влегувам во сите продавници во кои сме биле, да видам барем некој заборавен спомен. Нема таков.

„Само уште ова да помине, па ќе сме заедно, засекогаш заедно и ништо нема да не раздели“.

И помина се. На чекор до целта. На чекор до нас, те испраќам пак. Заминуваш.

Знам дека сме еден за друг, знам дека никој друг на овој свет нема да ми е тоа што ми беше ти.

Не е љубовта само убави очи и нежни дланки и пријатен мирис. Има иљадници жени со поубави очи, со понежни дланки и со попријатен мирис.

Но нема ниту една на овој свет со која сум чекорел по улиците на нашиот град онака како што чекорев со тебе. Нема ниту една со која чекорев низ животот онака како што чекорев со тебе, а и ти со мене. Секоја наредна ќе е само имитација на она нашето.

Не брзам да ја затворам вратата, за да не избега љубовта, не брзам да те видам низ прозорец како цупкаш низ црковниот парк. Него го нема, сам стои далеку од тука, во нашиот град, во кој веќе не нема.

Јас немам веќе за што да се држам цврсто, кога лошите мигови ќе дојдат. Не си веќе иста.

Твоето пријателство на дланка ми го нудиш. Прости, незнам да бидам пријател со тебе. Незнам да ги приберам дланкиве кога сакам да те допрам, незнам да ги скротам рацеве кога сакам да те гушнам, незнам да ги сопрам усниве кога сакам да те бакнам.

Се сеќаваш ли, колку многу се сакавме, се сеќаваш ли и те боли ли и тебе до смрт? Се секаваш, знам. Се сеќаваш и заминуваш, а јас те испраќам, исто како тогаш, во нашиот малечок стан.

33 views
 
Comments

There are no comments yet.
Leave your comment, start the discussion!

Blog
Blogs are being updated every 5 minutes